Рафинеријата за масло „АЛ-МАКС“ од Струмица добитник на Балканскиот оскар „Златно класје“

Рафинеријата за масло „АЛ-МАКС“ е меѓу лидерите на Балканскиот бизнис, избрана на Балкански бизнис оскар „Златно класје 2020“. Бизнисмените од Балканот го избраа лидерот во прехранбената индустрија од Македонија, компанијата „АЛ-МАКС“ за финалист на шестото издание на престижната манифестација Балкански бизнис оскар „Златно класје 2020“, што се одржа во хотелот „Маринела“ во Софија, Бугарија. Ова е уште една награда во низата на признанија за квалитет на рафинеријата ,,АЛ-МАКС” со маслото Бисер, чиј квалитет во текот на овие 22 години постоење е секогаш на највисоко ниво.

Наградата во името на „АЛ-МАКС“ ја прими младиот менаџер на ова компанија, Наско Пишев, кој во своето обраќање го потенцираше 22-годишното постоење на рафинеријата за производство на масло за јадење.

„Ова признание за квалитет во прехранбената индустрија на Балканот ќе ни претставува огромен мотив и поттик да продолжиме со работа и развој уште долги години, посветеност на сите вработени на компанијата во следење и унапредување на високите стандарди за квалитет“ – ни кажа Пишев.

„АЛ-МАКС“ од Струмица е единствениот производител на високо квалитетно сончогледово масло со брендот „Бисер“. Компанијата е основана во Струмица во 1997 година, а изградбата на рафинеријата за производство на масло за јадење е завршена кон крајот на 1998 година. Сместена е на површина од 25.000 м², а нејзиниот бренд „Бисер“, освен во Македонија се пласира и во многу земји од регионот и пошироко.

Успесите на „АЛ-МАКС“ низ годините се забележани и од страна на општина Струмица, која на компанијата двапати и ја доделува Годишната награда „Свети Петнаесет“, највисоко општинско признание за посебни резултати и успеси од областа на економијата.